МЕГАФОН

ВИКНИ ГЛАСНО

Совети за одгледување на Lucky бамбус

Илјадници години наназад, Lucky бамбусот е неизоставен дел од древната кинеска култура. Последната деценија, оваа украсна билка стана планетарно популарна и може да се најде во секој дом ширум светот. Иако неговото стебло наликува на бамбус, Lucky бамбус е всушност драцена (лат. Dracaena braunii).

За сите ентузијасти, кои се почетници во хортикултурата, Lucky Бамбусот е идеален за учење на тајните на оваа наука. Имено, овој бамбус е доста лесен за одржување и многу брзо расте. Како подлога користи вода и/или земја. Може да се најде во различни форми, а од повеќе стебла се прават многу интересни аранжмани.
Иако не бара премногу нега, постојат неколку насоки кон кои би требало да се придржувате доколку се одлучите да ја одгледувате оваа куќна билка:

Позиционирање

За да може да расте, потребна е светлост. Треба повремено да го ротирате, за да може сите листови подеднакво да впијат сончеви зраци. Толерантна е на темни простории, меѓутоа, во тој случај нема да порасне многу. Од друга страна, не треба директно да се изложува на сонце, бидејќи ќе изгори. Исто така, бамбусот не се поставува во близина на клима уред (и други вентилациони отвори кои издувуваат топол/ладен воздух) или места на кои има промаја.

Вода

Постојат поделени мислења околу тоа колкава количина на вода е потребна за овој вид на драцена – некои луѓе вопшто не ја менуваат водата, некои други ја менуваат почесто, а пак третите повремено. Се препорачува водата да се менува на секои два месеци. За да може да се прекријат корењата целосно во вода, на секои 2-7 дена (во зависност од температурата) се додава мала количина на вода. Нивото на водата не смее да биде превисоко – доволно е корењата да бидат во водата. Од друга страна, доколку растението нема вода, многу брзо ќе се исуши.

На бамбусот не му одговара вода која е премногу тврда. Доколку водата од чешма е тврда, тогаш врвовите од листовите ќе добијат кафеави дамки. Во тој случај, заменете ја водата од чешма со пречистена или дестилирана вода.

Уште една ситуација при која треба веднаш да ја замените водата е кога од садот ќе почне да се шири непријатен мирис.

Големина на саксија

Доколку одгледувате Lucky бамбус во пониска саксија, потрудете се околу билката да има барем 2,5 см слободен простор, за да може слободно да се шири. Кога садот ќе стане претесен за корењата, тогаш е време за пресадување. од друга страна, високите стебла треба да се стават во ваза пропорционални на нивната висина.

Ве молиме пратете не и стиснете лајк:
onpost_follow