Ние, долупотпишаните реагираме на текстот насловен како „Дневникот на Драган Богдановски е целосно автентичен“ потпишан од Ангеле Вретоски, Мендо Вулкановски, Јордан Груев, Трајче Т.Трајкоски и Предраг Ивановски кој се споделува на социјалните мрежи. Овој текст е одговор на нашата реакција објавена на 14.12.2021 г., во неколку портали и притоа изразуваме вчудоневиденост од личните дисквалификации, недоверба и обвинувања изречени во наведениот текст. Нашата реакција беше протолкувана како напад кон потпишаните лица, за што апсолутно немаме никаков мотив бидејќи во најмала рака не ги познаваме лично. Да почнеме со ред:
На социјалните мрежи и во наведениот текст поединци обвинија дека нашата реакција објавена на 14.12.2021 г., и барањето за времено повлекување на книгата е „поради лични амбиции на некои од нив“. Зошто господата потписници се плашат јавно со име и презиме да кажат кои се тие со лични амбиции и како може со таква леснотија да поаѓаат во претпоставки кој од нас што мисли и чувствува ?!
Во однос на историчарот м-р Марјан Гијовски, кој е наведен како млад, очигледно нивниот извор во Скопје тенденциозно ги брифирал за да ја намали вредноста како потписник на реакцијата. Правото да ја потпише реакцијата му го дава огромниот обем на прочитани документи и литература и 10-годишна широка општествена активност за рехабилитација на
Драган Богдановски. Како судите за некој што воопшто не го познавате?
Легитимно е прашањето зошто се дрзнале да го објават т.н. „Дневник“ пред да стапат во контакт и да побараат дозвола од синот на Богдановски, „единствениот законски наследник““? За омаловажувачките ставови кон потесното семејство на Драган Богдановски нема да коментираме. За ваша информација треба да знаете дека Раде Станковски има ополномоштено адвокат, кој работи на судската рехабилитација на Богдановски.
Следно, се цитира Законот за наследување, па оттука сакаме да ги прашаме потписниците, од каде вие знаете дали постои поведена постапка за наследство во семејството на Станковски-Богдановски? Кој ги има авторските права, или кој се откажува од нив? Тоа е ваш пропуст што си дозволувате да навлегувате во семејни односи.
Почитуваните потписници, веројатно погрешно наведени од нивниот извор во Скопје, не знаат дека со закон не се регулира вметнување на факсимил во издание, туку е во делот на методологијата на потготовка на издание. Понатаму, темата на Драган Богдановски е многу суптилна и бара многу внимателност затоа што во целиот свој живот и по смртта е жртва на подметнувања.
Ги информираме потписниците на текстот дека најголем стручњак за ликот и делото на Драган Богдановски е д-р Марјан Иваноски од Институтот за национална историја кој во 2014 г. одбрани докторска дисертација. Зошто не го контактиравте него, или зошто вашите познаници од Скопје не ве упатија на него? Жално е што нивниот извор во Скопје пропуштил тоа да им го укаже. Во тој ред спаѓа и истражувачот Ставре Џиков, кој голем дел од својата кариера има посветено на делото на Драган Богдановски. Имате можност да им се обратите бидејќи има најава дека ќе објавите ново издание – писма од Драган Богдановски.
Предговорот на книгата е посветен на ЗК Перт и Аделаид, а не на самата содржина. Биографскиот дел за Драган Богдановски може да се најде на Википедија, толку за квалитетот на изданието. Читалелот мора да добие појаснувања и упатувања од професионален историчар. За фотографиите што се преземени и вклучени во изданието задолжително мора да се наведе од каде се преземаат. Овие прашања треба да им ги поставите на рецезентот, или на уредникот, кои не се наведени во изданието, а можеби сте им исплатиле солиден хонорар.
Попатно, Ве замолуваме лично да се обратите во НУБ „Свети Климент Охридски“ и да прашате дали секое издание што е печатено во Република Македонија мора да има ИСБН број и ЦИП-запис. Лицето што сте го навеле „За издавачот“ е граѓанин на Република Македонија и како „За издавачот“ (во превод „директор на издавачка куќа“) презема целосна одговорност за квалитетот на изданието. Тоа можете да го проверите во Законот за издавачка дејност. Пет задолжителни изданија мораат да се достават во НУБ„Свети Климент Охридски“ за да се внесе изданието во датабазата на НУБ. Инаку, Задграничен комитет не е правен субјект.
Македонските иселеници од Австралија донирале над 10.000 австралиски долари за ова издание
Табелата е преземена од изданието „Дневникот на Македонскиот маченик Драган Богдановски“ страна 246 и 247
На вашата прозивка до „добронамерните потписници“ да ги коментираат мини-фељтоните во „Macedonia Weekly herald“, што ве спречува да покажете макар еден скениран документ од оригиналот? Зошто го одземате правото на семејството да го провери ракописот и евентуалниот потпис кај вештак?
Во делот каде што појаснувате дека постои и друг дел од дневникот, кој вас не ви е достапен, нашето прашање е зошто објавувате парцијално делови од Дневник? Што е суштината на објавувањето, читателите да читаат недоречености?
Прераскажувањето за патувањето на т.н. „Дневник“ од Драган Богдановски преку Јордан Груев до семејството Панкоски треба да го потврди член на семејството Панкоски. Нашите информации говорат дека Драган Богдановски лично му предал на покојниот Панко Стамкоски ракопис Мемоари за активноста во македонското движење во Европа, а не Дневник за испрашувањата во Јасен. Оттука сакаме да знаеме како вие господа сте толку убедени во веродостојноста на тој т.н. „Дневник“?
Детална анализа на содржината за јавноста на „Дневникот“ ќе следи дополнително и ќе има детална објава од повеќе истражувачи. Она што потписниците на текстот споменуваат дека лицето наведено како За издавачот на својот фејсбук профил објавило текст за т.н Дневник, слободно може да констатираме дека се користи фактот што голем број од луѓето не се доволно информирани за животот и за дејствувањето на Драган Богдановски, не знаат како методолошки се создава издание, па се нафрлаат „патриотски изливи“ за да се замаскираат недостатоците.
Обратете се и на други професионални историчари и побарајте мислење за изданието, за квалитетот и за веродостојноста. Научната јавност и фелата на историчари, за жал, со потсмев гледаат на изданието, а ние сме крајно шокирани од вашата иронија кон најтесното семејство на Драган Богдановски. Од каде го црпите тоа право да се ставате над нив? Ние имаме материјали и желба за публикување изданија за Драган Богдановски, но немаме на располагање 10.000 австралиски долари (кои веројатно се трошат за хонорари). Тоа се ваши пари, пари на македонските иселеници стекнати со труд. Висината на исплатата на хонорари ја знаете само вие. Инаку, во македонска печатница печатењето чини од 500 до 800 евра (инаку тиражот на изданието никаде не е наведен).
На крајот, уште еднаш напоменуваме дека нашата реакција не беше насочена да дискредитира, па за возврат да добиваме етикети, навреди и оцрнувања. И заклучно, се бега од темелните прашања. Имаме длабок сомнеж дека некој од Скопје погрешно ве брифира и ве насочува на конфликт со нас. Напротив, ние се надеваме на средба со вас, каде што ќе ги расчистиме сите дилеми. Не барајте ја вината кај нас, ние само ви укажуваме. Вината барајте ја кај тој што ве известува делумно. Не дозволувајте да ве манипулираат и да правите непријатели таму каде што ги немате.
Останува надежта дека вие и ние се бориме за иста цел и не очекувавме таква пизма од вас драги браќа Македонци од Австралија.
Доколку го почитувате Драган Богдановски, треба да му го почитувате семејството, а не да рангирате кој е повеќе важен, а кој помалку. Дали ќе се избориме Драган Богдановски да го добие вистинското место со клевети и претпоставки? Одговорот е не.
Раде Станковски, брат на Драган Богдановски;
Драган Петковски, внук на Драган Богдановски;
Владо Транталовски, еден од основачите на
ВМРО- ДПМНЕ и близок пријател на Драган
Дијана Транталовска, една од основачите на ВМРО-ДПМНЕ
М-р Марјан Гијовски, докторант на докторски студии за македонската политичка емиграција.
Богдановски Богдановски
ПОВЕЌЕ ВЕСТИ
Мицкоски: По победата следува одговорност за сите кои направиле криминал
Николоски од Прилеп: Очекувам во 4-тата изборна единица ВМРО-ДПМНЕ да освои помеѓу 13-14 пратеници
Стојаноска: Оваа власт заминува во неславната македонска историја, а Силјановска Давкова и ВМРО-ДПМНЕ со коалицијата ќе ја направат Македонија повторно горда и повторно твоја